Резултатите од конкурсот се тука! Тројцата избрани финалисти на овој повик се: Хана Корнети, Бојан З. Гармиров и Димитар Банов. Нивните сценарија се издвоија не само по занаетот, туку и по оригиналниот агол на гледање на реалноста. Нивните ликови се обични луѓе кои во себе носат пркос што ја надминува баналноста на животот, иако сепак се справуваат со неа.
На отворениот повик пристигнаа вкупно 28 пријави. По затворањето на конкурсот, тројца независни читачи ги добија пристигнатите сценарија и секој од нив имаше три недели да ги прочита сите текстови. На 9-ти и 10-ти јануари тие се состанаа за да ги изберат тројцата финалисти.
Им честитаме на финалистите и продолжуваме со развојот на нивните сценарија. Еден од тројцата финалисти конечно ќе биде избран да премине во следната фаза — развој на филмски проект подготвен за финансирање и продукција.
Прочитајте повеќе за трите приказни и нивните автори:
И ВОЛКОТ СИТ И... - Хана Корнети
Во домот на Милица и Митко се собира семејството за да ја испрати Милица, која е на смртна постела. Кога доаѓа редот на внуката Дана да се прости од баба си, во собата на само Милица ѝ кажува на Дана дека сонувала дека Дана е бремена и прашува дали е вистина. Пред да стигне да одговори, Митко ја вика Дана во кујната и ја убедува да ја излаже баба си дека е бремена, за пред да умре, Милица да се израдува дека ќе има правнуче. Дана прифаќа да ја излаже баба си.
Хана Корнети (1992, Скопје) е авторка на две збирки раскази „Млечни заби“ (2021, Или-Или) и „Каде леташ, Јулија?“ (2025, Или-Или), два романи-фантастика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, Или-Или) и „Илина и тајните на Бабин Заб“ (2025, Или-Или) и е коавтор на нефикцијата „Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners - A Guide“ во соработка со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев (2023, Private Print). Нејзиниот расказ „Пред да изгрее сонцето“ е претворен во краток анимиран филм како дел од изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (2023). Исто така е автор на сценарио за видео спотот на песната „Ples na tankom ledu“ од Дарко Рундек и Ана Ковачич (2025).
Читатели и критичари го карактеризираат пишувањето на Хана како хумористично, проникливо, перцептивно, свежо и обележано со жив јазик. Во слободното време пишува аматерска музика, со еден издаден албум, „Голи Песни“ (2023, Шарла) и еден сингл, „Еден ден“ (2025, Шарла).
НОЖ - Бојан З. Гармиров
Две семејства поминуваат викенд во планинска колиба. Додека двајцата мажи шетаат низ шумата, Јане го губи од вид своето куче. Набрзо почнува да се стемнува, а кучето не се одѕива на повиците. Пријателот го предупредува Јане дека низ овие планини има мечки и може да биде опасно за кучето ноќта да остане само надвор. Јане се двоуми, но сепак решава да си одат, убеден дека направил сè што можел.
Во куќата, жена му и малата ќерка ги чекаат нетрпеливо. Кога дознаваат дека го оставил кучето во шумата, ќерката почнува да плаче, а жена му го гледа со нем прекор, ужасната од тоа што го направил.
Таа ноќ, нешто се менува во Јане. До утрото, тој носи одлука: ќе купи нож.
Бојан З. Гармиров е сценарист кој највеќе пишува за луѓето кои се поразени од системот, од околностите, од самите себе. Неговите ликови се аутсајдери кои немаат ни енергија ни интерес да се претставуваат како нешто друго. Ликови кои се борат, но не секогаш за вистинската работа. Паѓаат, стануваат, и ги повторуваат своите грешки. Понекогаш победуваат, но нивната победа никогаш не е таква како што ја замислувале.
Тој пишува комедии на кои никој не се смее, а во нив апсурдот и хуморот е секогаш испреплетен со трагедијата. Неговите приказни не нудат лекции, но понекогаш носат утеха.
СТРУШКА ИДИЛА - Димитар Банов
Младо скопско семејство пристигнува во Струга на летен одмор. Деветгодишниот Марко е восхитен од локалната традиција: скокање од Главниот мост во реката Дрим. Татко му му ветува дека ќе скокнат заедно. По загревање во кафулето крај реката, двајцата се качуваат на мостот. Но кога Марко ја гледа вистинската висина, храброста го напушта.
Димитар Банов е дипломиран новинар од Правниот факултет во Скопје, по што продолжил на последипломски филмски студии (режија, драматургија) на ФАМУ во Прага. Работел за Македонската телевизија на различни позиции (сценарист, режисер), и има богато искуство како автор во македонските медиуми. Покрај неговата кариера како сценарист и режисер, Димитар живеел и работел во Тајланд и Грција. Режирал неколку кратки филмови и пишувал сценарија за долгометражни филмови, телевизија и анимација. 
Back to Top